НА ДЕНЕШЕН ДЕН, ПРЕД 72 ГОДИНИ

Како е убиен Кузман Јосифовски-Питу?

Цоњо Трпков oд командата на бугарската армија во Скопје за убиството на македонскиот херој добил високо признание и веднаш бил испратен на награден одмор кај неговите во Софија.

На 25 февруари, при пробивот на блокадата на бугарската окупаторска полиција во Скопје, загина народниот херој Кузман Јосифовски-Питу, една од водечките фигури на востанието во Македонија, организатор на народноослободителната борба во Македонија, на свикувањето на Првото заседание на АСНОМ и автор на неговите државотворни документи.

Иако Кузман не ги дочека победата и слободата, неговиот лик и неговото револуционерно дело оставија длабока трага во борбата за остварување на националната слобода и за создавање на македонската национална држава. Во македонската историска наука сѐ уште се недоволно разјаснети околностите за загинувањето на овој голем човек и борец. Тие главно се засновани врз исказите на бугарските полициски службеници, кои, меѓу другото, се однесуваат и на провалата од 25 февруари 1944 година, како и врз спомените на неговите блиски соработници.

Една интересна информација на оваа тема, напишана од Димитар Николовски под наслов „Понови сознанија за загинувањето на Кузман Јосифовски-Питу“, наоѓаме во зборникот „Кузман Јосифовски-Питу“. Тој раскажува дека во 1975 година, за време на едно од своите службени патувања во Франција и во Белгија, се нашол во кругот на македонските и бугарските емигранти. Во разговорите со еден од нив, Велко Парванчевски, дознал за бугарскиот шпион Цоњо Трпков, кој самиот раскажувал за некои негови злодела извршени во минатото. Меѓу нив, тој го издвојувал убиството на Кузман Јосифовски-Питу во Скопје. Со помош на своите пријатели, авторот успеал да се сретне со овој злосторник и да ја отвори темата за Кузман.

Според кажувањето на Николовски, „Цоњо Трпков бил командир на полициската станица во Скопје... Според опишувањето на задолженијата што ги добивал како командир и активностите што ги изведувал со неговото одделение составено од 10 до 15 полицајци, може да се заклучи дека се работи за специјално одделение што имало задача да го `чешла` теренот и да открива и ликвидира организатори и активисти на отпорот. Често пати во посета му доаѓале `агенти`, како што ги нарекуваше цивилните припадници на Државната сигурност, кои му давале инструкции за работа, податоци, често и фотографии од комунисти и други лица интересни за нив...

Кузман Јосифовски-Питу било често спомнувано име во разговорите со агентите. Зимата 1942-1943 година во полициската станица Чаир дошол висок функционер на Државната сигурност и одржал предавање за успешната борба на полицијата против комунистите во Македонија. Цоњо Трпков тогаш првпат слушнал за Стив Наумов и Мите Богоевски, за Мирче Ацев и Страшо Пинџур како опасни, но веќе ликвидирани, и за многу други поопасни лица. Овој функционер повеќе пати го спомнал името на Кузман како еден од најопасните, највлијателните, но истовремено и најпрепредените комунисти, кој често пати успевал да им се истргне од раце... Од истиот раководител... Цоњо добил задача да се облече во цивилна облека и да се насели...во близина на ложилницата. Наводно во тој кварт Кузман најмногу се движел... Според неговото кажување, Кузман му станал опсесија...

На крајот на јануари 1944 година Цоњо Трпков бил повикан во командата на армијата во Скопје...на овој состанок...бил изнесен податок дека од Софија била дојдена или требало да дојде жена со задача да контактира со Кузман Јосифовски... Цоњо Трпков на овој состанок добил задача со своето одделение да ја надгледува куќата на Водно и дискретно да апси секого во кој ќе се посомнева... Една ноќ...дошол негов полицаец и му пренесол порака да му се јави на командирот на полицијата во Скопје... Тука му било кажано дека жената од Софија дошла, контактот на Камениот мост бил извршен, но на него не се појавил Кузман... Му бил даден податок дека Кузман се крие на Водно или во Козле, но идниот или следните 2-3 дена треба да се видат со жената од Софија кај негова врска во Влае. Тука бил направен план за поставување заседа... Следниот ден, околу 10 часот наутро, од Козле кон железничката пруга, по пат што водел на железничкиот премин, наишол млад, висок, црномурест човек – сам, со некаква мала торбичка во рака. Цоњо со уште 4-5 полицајци бил засолнет во меѓа покрај пругата. Штом човекот наближил на стотина метри од пругата, почнал да трчка лево низ нивите кон Вардар. Тогаш тој командувал да се пука.

По десетина метри човекот бил погоден и паднал до самата пруга... Полицајците што биле распоредени во меѓата... потрчале кон човекот, заедно со нив и Цоњо. Кога стигнале до него тој бил жив, но тешко ранет. Цоњо им наредил на полицајците... да најдат запрега за да го префрлат човекот во Скопје. Откако полицајците се оддалечиле, Цоњо го прашал ранетиот како се вика, но овој не сакал да зборува. Повеќепати Цоњо се обидувал да комуницира, но човекот останал нем. Тогаш со пушката го убил... Цоњо Трпков никако не можел да претпостави дека човекот што го убил е Кузман. По десетина дена Цоњо Трпков бил повикан кај истиот генерал, во командата на бугарската армија во Скопје, кој му соопштил дека човекот што го убил бил Кузман Јосифовски-Питу. За ова дело Цоњо добил високо признание и веднаш бил испратен на награден одмор кај неговите во Софија“.

Во својот реферат за Преспанскиот состанок во 1943 година, посветен на 40-годишнината од Илинденското востание, Кузман Јосифовски-Питу ги кажа следниве зборови посветени на „хероите и мачениците на Македонија“: „Многу од своите најдобри синови загуби Македонија за време на славниот Илинден. Но тие жртви не станаа гробови. Нивните херојски подвизи засветија над Македонија, станаа ѕвезда водечка на измачениот македонски народ. Тие го осветлуваа патот и во срцата на сите чесни Македонци и херои како вечен спомен. Од Илинден до денес многу знаени и незнаени херои загинаа во борбата за Македонија. Следејќи го славниот пат на своите дедовци и татковци, денеска многу млади Македонци, многу нови борци, најдоа херојска и маченичка смрт во борбата со денешните, последни поробувачи. Коските на сите овие жртви, развеани по сите полиња и градови на Македонија, сраснаа со македонската земја и се претворија во гранитен темел на утрешната слобода. А нивните бодри, смели зборови изречени пред смртта ја греат земјата, народот и сѐ дури постои... Слава на овие херои – маченици на Македонија“.

Со своето дело, Кузман Јосифовски-Питу се вброи во редот на овие херои – маченици на Македонија.

(Според Зборникот „Кузман Јосифовски-Питу, Време-живот-дело (1915-1944“, издаден од Институтот за национална историја – Скопје и Друштвото за наука и уметност – Прилеп, Скопје 1995 година) 

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе