Конференцијата ќе ја отворат Никола Попоски, министерот за надворешни работи на Македонија, амбасадорот на Израел за Македонија Дан Оријан, претседателот на МАНУ Владо Камбовски и претседателот на Управниот одбор на фондот на холокаустот на Евреите од Македонија Пепо Леви. Свои излагања ќе имаат и експерти од Швајцарија, Израел, Италија, Србија, Грција и Франција.
Утрешното одбележување е јубилејно. Се навршуваат 70 години од ослободувањето на Аушвиц и 15 години од донесувањето на Стокхолмската декларација. Со резолуција на ОН од 1 ноември 2005, 27 јануари е востановен како меѓународен ден на комеморација на жртвите од холокаустот.
Конференцијата има за цел да ги идентификува и да ги истражи односите меѓу државите и состојбите кои влијаеја на депортацијата на Евреите од Македонија и од другите земји. Конференцијата е поддржана и од Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот од Берлин, во чии активности учествува и Република Македонија.
Модератор е амбасадор Јован Теговски, национален координатор во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот.
На Стокхолмскиот меѓународен форум за Холокаустот одржан пред 15 години, високи политички лидери и официјални претставници на повеќе од 40 земји се сретнаа со граѓански и верски лидери, луѓе кои го преживеале Холокаустот, наставници, историчари и други лица кои својата работа ја посветиле на промовирање на образованието, одбележувањето и истражувањето на Холокаустот.
Добитникот на Нобеловата награда, Ели Визел, беше почесен претседавач, додека професорот Јехуда Бауер беше виш академски советник на Форумот.
На завршната сесија на конференцијата земјите - учеснички ја потпишаа Стокхолмската декларација, со што таа стана основачки документ на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (Меѓународна алијанса). Со оваа Декларација државите – учеснички се обврзаа да работат за промовирање на образованието, одбележувањето и истражувањето на Холокаустот.