ОТКАКО ББК ОДРЖА ДЕБАТА ЗА ВОЈНАТА ПРОТИВ ХИТЛЕРИЗМОТ

Чепреганов: Бараат колективна амнезија, не може да се изземат окупацијата и убивањето од бугарската фашистичка армија

Прашањето е зошто Бугарите бегаат од вистината, треба еднаш засекогаш да расчистат со себе, да расчистат дека во текот на Втората светска војна беа окупатори на оваа територија и секаде каде што им дозволија Германците. Како по толку години се навраќаат на тоа дека биле „ослободители“? Македонците против кого се бореа? Против самите себеси? Не знаеја што да прават, па си пукаа меѓу себе?, вели за МКД.мк познатиот македонски историчар Тодор Чепреганов, откако во саботата Бугарскиот културен клуб во Струмица организираше трибина на темата „Да се разоткрие вистината за војната против хитлеризмот во Вардарска Македонија“. 

Имено, трибината беше организирана од Културно-информативниот центар на Бугарија, Институтот за историски истражувања – БАН и бугарското Министерството за одбрана, а Бугарскиот културен центар (ББК) повика граѓаните на Македонија „да се запознаат со вистинската историjа за воените дејства против германските окупаторски војски на територијата на земјата“.

Од ББК сметаат дека е „насадено илузионистичкото убедување дека единствени ослободители на земјата се маршалот Jосип Броз Тито и неговите југословенски партизани“. Според ББК, ова не одговара на историската вистина и е израз на, како што велат, „непочитување кон придонесот на слободољубивите народи на антихитлеровата коалиција, кои даваат многубројни жртви на боиштата на Европа и Балканот“.

„Особена табу-тема во Република Македонија е учеството на Бугарија во борбените дејства во рамките на антихитлеровата коалиција и решавачката улога на бугарската армија за поразот на воjските на Третиот рајх во Вардарска Македониjа. Како што е познато, како резултат на Страцинско-кумановската и Брегалничко-струмичката (спроведени паралелно со Нишката и Косовската) операција, во октомври и ноември 1944 година, бугарската војска ги протера силите на Вермахтот и на 13 и 14 ноември победоносно влегуваат во Скопје, денешната престолнина на Република Македонија“, рекоа од ББК во најавата за настанот, сметајќи дека до овој момент, на целата територија на Република Македонија нема ниту еден споменик, спомен-обележје или меморијално место што „ќе го овековечи подвигот на херојски загинатите бугарски војници и офицери“, па наместо тоа на населението продолжува да му се насадува претставата за „бугарскиот фашистички окупатор".

Бугарски културен центар

Според Чепреганов, најголема грешка на Тито е што ѝ дозволил на бугарската армија, која била на страната на Хитлеровата коалиција и убивала во поголем дел од територијата каде што била окупатор, на крајот од војната за да се избегне тоа зло што го правела, па во манир на добрососедски односи, да се дозволи да биде дел од антихитлеровската коалиција.

„Сега се прават дека ја ослободувале Македонија? Забораваат на стрелањето и сите работи што ги правеа низ територијата на Македонија, убивајќи ги оние што беа за формирање македонска држава и што се декларираа како Македонци? Едноставно, не може некој по толку години да извитоперува факти што се толку очигледни. Зошто тогаш Черчил им кажа на Бугарите дека по капитулацијата ќе мора да ги сносат последиците од окупацијата на своите соседи? Тоа не сме го измислиле ние Македонците, тоа го кажуваат врвни светски лидери и премиери. Друго, нека земат бугарските историчари да ги прочитаат малку извештаите на американските и британските воени мисии што престојувале во Македонија. Еве нека видат што пишуваат токму тие, без она што го потврдуваме ние, македонските историчари. Нека земат да прочитаат. Зошто бегаат од вистината? Еден ден ќе мора да се соочат дека биле окупатори, не само на територијата на Македонија. Знаат Бугарите каде биле окупатори. Едноставно, како може денеска во 21 век повторно да се навраќаат на истите дубиози што ги имаа и во претходните години? Зошто бегаат од она што биле?“, вели историчарот Чепреганов.

Докторот на историски науки и истражувач на современата историја, со посебен интерес кон политичката историја и историјата на дипломатијата, бара да седнат на маса со бугарските историчари и да продискутираат за ваквите работи. Не е запознаен дека воопшто се случила ваква трибина во Струмица. Вели, прашајте ги сите историчари во Македонија и ќе ви го кажат истото за тоа „бугарско ослободување“.

„Тоа се работи што историјата не може да ги проголта туку-така. Што е идејата, бараат колективна амнезија? Изземање на окупирањето и убивањето? Ајде да проговорат за депортацијата на Евреите. Кој го направи тоа? Како тоа ’учествуваа во ослободувањето’? Точно е дека малку беа дел во Страцин, меѓутоа со тоа воопшто не можат да зборуваат за ’ослободувањето на Македонија’. Дополнително, Скопје е ослободено од македонските единици. Бугарските единици сакаа да направат парада, да дојдат на готово, да се постројат и да маршираат како ослободители. И во тоа беа спречени! Затоа, сметам дека не може некој по толку години да дојде и се навраќа на работи што историјата веќе ги утврдила. Кој во Македонија пишува и фалсификува податоци, како што велат тие? Која е таа вистина? Нека се организира дополнителна дебата, може и во Бугарскиот културен клуб, да седнеме со бугарските историчари и да го решиме тоа прашање“, вели Чепреганов.

Тодор Чепреганов

Истовремено, прашува дали идејата е на младите поколенија во Бугарија да им кажат дека биле ослободители, од септември 1944 година? Наместо тоа, како што вели, нека прочитаат три тома документи од Институтот за национална историја за ослободувањето на Македонија, па потоа да кажат „каде бегале, каде се предавале, а каде се бореле“.

„Треба да се има почит кон сите оние што загинаа во таа војна, па да се сетат кој и како го убија Васил Антевски – Дрен, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, нека се сетат на крвавото Дабничко колење, на стрелањето на децата во Ваташа. Не може да се избега од тие работи. Само кога ќе си направат лустрација самите на себеси, расчистување со минатото, па потоа ќе можеме да седнеме и разговараме како што треба. А вака повторно да се навраќаат на тие тези дека ’учествувале во ослободувањето’ на Македонија и дека ја ослободиле, тоа тешко ќе помине кај кого било!“, смета Чепреганов.

Мемоари по ослободувањето на Скопје од Боро Чушкар

Историчарот за МКД.мк прочита и запис од писмените сеќавања на Боро Чушкар, за кои вели се чувани во Институтот за национална историја. Записот е дел од моментумот по ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор. Бугарската војска во ноември 1944 година била стационирана на скопското Кале, се симнала, без знаење на македонската воена власт во Скопје, па од кај Старата железничка станица се подготвувала да учествува во свечената парада рамо до рамо со македонските војници.

Според Чепреганов, мемоарите на Чушкар ги покажуваат цврстите ставови на македонското раководство и ја даваат вистинската слика за тоа какви биле „ослободителните мисии на новокомпонираната бугарска војска“. Овие писмени записи, вели тој, ги приложува секој пат кога „доаѓаат Бугарите да кажуваат дека ослободувале“.

По ослободувањето на Скопје

Еве го интегрално сеќавањето на Чушкар што ни го презентираше историчарот:

„Стигнавме кај Железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше – генерал мајор. Сув, слабичок и некако жолт, како лимон. Отидов и го прашав:
’Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Да ви ја ебам мајката фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно бугарско, ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!? Се влечете како лешинари по нас и јавувате по радио како ја ’ослободувате Македонија’!? Каде вие испаливте куршум за ослободување на Велес и Скопје, да ви ебам мајката! Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Сместа во овој момент ќе им наредите на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шали ќе нема!’, му реков нему, а кога завршив, видов дека сè уште го држам за градите како детска играчка.

Тој цело време трепереше како штиклица. На крајот, сепак, отсечно рече ’Јасно другар. Но јас не сум виновен. Таква наредба добив’.

Тогаш јас повторно викнав 'Да им ебам мајката на оние што ти дале наредба за ова. Наредби они можат да дадат за изведување вежби во касарните каде ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот. За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата посрана влада од Софија. Дали сега ти е јасно?', го прашав.

’Сичко ми е јасно’, рече тој. Тогаш тој престрашен генерал со сув глас нареди круг на лево, и се вратија“, стои во сеќавањето на Чушкар.


Б.Ш.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе