Американскиот кошаркар со бугарски пасош, Ибрахим Џабир, на речиси неверојатен начин ја прекина соработката со литвански Жалгирис од каде што не само што си замина туку и ги врати сите пари што ги заработи во овој тим од октомври годинава.
Џабир со писмо ја извести управата на Жалгирис дека не може повеќе да игра за тим чии „мажоретки се премногу секси и се оскудно облечени“, но и дека не може да носи дрес на кој има реклами за обложувачници и за алкохолни пијалоци. Овој 28-годишен бек-шутер има двојно државјанство и настапи за репрезентацијата на Бугарија.
Џабир во писмото навел дека повеќе нема намера да игра за европски клубови иако досега настапувал само за екипи од Стариот континент откако завршил на Универзитетот Пенсилванија во САД. Покрај Жалгирис, тој го има носено дресот на грчки Егалеао како и на италијански Лотоматика и Армани џинс, а бил дел од летните кампови на НБА-екипите Детроит пистонс (2007 година) и ЛА лејекрс (2010 година).