АРМ на зимска стража со летни и распарани чизми: Бесими на секои два месеца им купува нови, ама само на збор!

На терен на Криволак, по снег, дожд и кал, македонските војници одат со испокинати,одлепени чизми, а некои и со летни обувки.

Независниот синдикат на професионалните војници уште лани предупреди за овој проблем и побара војската да добие нова опрема, но од тогаш до сега слушаат само празни ветувања, кои одвреме-навреме министерот Фатмир Бесими само ги повторува.

Војниците не можат да се сетат кога последен пат им биле купени нови чизми, но некои од нив велат дека тоа било во 2007 година. Од друга страна, пак, Министерството за одбрана, вторпат, за време на парадата на 20-годишнината на АРМ на 18 август, откако синдикалците се пожалија дека нова руба добиле само оние што парадирале во касарната „Илинден“, вети дека сите професионални војници новите униформи ќе ги добијат најдоцна до 1 јануари. Тогаш МО демантираше дека нови униформи добиле само оние што учествувале на прославата и тврдеше дека униформите се испорачуваат онака како што доставувачот ќе ги достави до АРМ. Очигледно доставувачот не добил налог за испорака кога ветените униформи патуваат речиси пет месеци и никако да стасаат до касарните.

Во меѓувреме, министерот Бесими во почетокот на ноември во касарната во Тетово, повторно запрашан кога ќе стасаат новите униформи, изјави:

АРМ ќе ги добие новите униформи, војниците ќе добијат и нови чизми, но ни следната година нема да има пари за опремување и модернизација. На сите ни е познато дека годинава имавме недоволно финансиски средства за остварување на сите плански цели. Kако министер за одбрана со мојот тим направивме сè што беше во наша моќ за добивање повисок одбранбен буџет. Но, за жал, проекциите за економскиот развој во 2013 година не ни оставија простор за буџет според планираните потреби на одбраната. И во 2013 година не можеме да очекуваме повеќе финансиски средства за опремување и модернизација на АРМ. Затоа мора да бараме и други можности и начини на финансирање“.

Решението, како што тогаш рече, ќе се бара во рационализација и преку принципот на „паметна одбрана“ со земјите од регионот.
Рационализацијата за која во ноември зборуваше Бесими никој во АРМ не претпоставуваше дека ќе почне токму од босите војници, од кратењето на нивните дневници, па дури и плати, кое, како што велат во Независниот синдикат на професионалните војници, е незаконско.

Станува збор за пари што некогаш им биле дадени на војниците за превоз и за станарина? Сега, војниците треба да ги вратат тие пари, односно им се одбиваат од платите. Кај некои од нив сумата што треба да ја вратат според измените на член во Законот за служба во АРМ што се однесува на закупнина и превоз изнесува и повеќе од 1.000 евра. Тоа, како што велат војниците, се многу пари за нивните плати, кои драстично се помали откако МО престана да им ги плаќа дневниците за терен.

Имаме поплаки од војниците дека не им ги даваат сите слободни денови што им следуваат по теренска работа. За една недела на терен на војниците им следуваат 16 дена одмор, но имаме реакции дека не се почитува тоа што самото Министерство го предложи како мерка – слободни денови, наместо дневници“, велат во Независниот синдикат на професионалните војници.

Во врска со нивните вчерашни забелешки дека во касарните нема парно, дека нема вода и дека нема делови за возилата, реагираше Министерството за одбрана, кое изрази жалење поради реакциите на синдикалците затоа што се случувале во време кога министерот Бесими е „на значајна и интензивна дипломатска активност во седиштето на НАТО во Брисел, каде што остварува средби со врвни претставници на Алијансата.

Министерството за одбрана на Република Македонија вложува значителни напори во подобрувањето на условите за живот и работа во касарните низ државата, а несомнен пример за тоа е еден од носечките проекти на кој му посветуваме особено внимание – проектот „Стандард“. Согласно со овој проект министерот за одбрана директно, транспарентно и низ дијалог се запознава со секојдневните проблеми на професионалните војниците и презема мерки и активности за нивно решавање“, информира Министерството за одбрана, кое тврди дека парното греење функционира без прекин, согласно со стандардниот режим за греење (во касарната во Велес нема греење кога се врши обука надвор од просториите).

МО вчера ги демантира и тврдењата на војниците дека немало вода за пиење во некои касарни:

Во касарните во Чојлија/Петровец, согласно со редовните контроли од медицински тимови од Военомедицинскиот центар, утврдено е дека водата може да се користи за технички потреби и таа е во функција без престанок (неисправноста на водата е поради височината на септичките јами во посочената област). Припадниците на АРМ кои се сместени во споменатите касарни се снабдуваат со чиста вода за пиење редовно преку цистерни“.

Според МО, не се точни ниту обвинувањата за возниот парк во АРМ, кој како што велат, се одржува редовно и согласно со предвидената динамика. МО вели дека во „исправна состојба се сите возила предвидени за одржување на борбената готовност и за тековните потреби“.

 С.М.

Дали Борисов ќе го негира својот претходник, поранешниот премиер, генерал Рачо Петров и ќе продолжи да инсистира на заедничка историја која официјална Бугарија упорно настојува да ни ја подметне.

повеќе

Не треба да паднеме во замката која не втурнува во спиралата на континуирано себепоништување.

повеќе

Инвестицијата за изградба на автопатиштата Штип-Миладиновци и Кичево-Охрид повеќе личи на наш подарок за Кинезите, отколку на вистинска инвестиција.

повеќе