Џејмс Пердју: Бугарската политика кон Македонија не е мудра

Џејмс Пердју

Промената на политиката на Бугарија кон Македонија и блокадата на македонските евроинтеграции е политика што е спротивна и на бугарските интереси, изјави за бугарскиот весник „Труд“ Џејмс Пердју, поранешниот амбасадор на САД во Софија (2002 до 2005 година). Пердју беше и специјален пратеник на претседателот Џорџ Буш во Македонија за време на конфликтите во земјата и е еден од потписниците на Охридскиот договор. Пердју повеќе не работи за американската влада.

Според него промената на бугарската политика кон Македонија од страна на владата на Борисов воопшто не е мудар потег.

„Оваа позиција не оди во корист ни на широките национални интереси на Бугарија и ја уназадува конструктивната регионална политика која државата ја применуваше години наназад. Политиката на Бугарија во однос на регионот во последните 20 години беше зрела и конструктивна. Државата успеа да ги избегне меѓуетничките страсти и конфликти слични на оние по другите земји на Балканот. Истовремено Бугарија одлично соработуваше со меѓународната заедница во однос на надминувањето на конфликтите и приближувањето на новите држави на Балканот кон демократските западноевропски институции. Оваа разумна политика беше одраз на јасното разбирање дека бугарскиот национален интерес е најдобро заштитен кога и регионот е стабилен, кога има соработка меѓу соседите и кога се применуваат демократските вредности на ЕУ и НАТО. Блокирањето на Македонија е радикално отстапување од овие принципи кои бугарската надворешна политика досега ги применуваше. Новата бугарска политика кон Македонија може многу да ги влоши добрососедските односи. Без сомневање дека Македонија понекогаш е тежок партнер. Но Бугарија треба да разбере дека нејзиниот сосед е нова демократија и ја нема длабочината на институционалниот капацитет на Бугарија. Македонија оди побавно кон ЕУ и НАТО од Бугарија заради војната во Косово и внатрешниот меѓуетнички конфликт од 2001 година. Тука е и мачниот спор за името со Грција“.

Според Пердју Македонците се уште се обидуваат да си го дефинираат сопствениот национален идентитет. „Тоа владата на ВМРО успешно го користи за ја задржи и поддршката на гласачите. А бугарската блокада само долева масло во тој оган од негативни импулси“.

Потписникот на Охридскиот договор во интервјуто за „Труд“ вели дека и Грција сигурно сега е многу задоволна затоа што уште една земја членка на ЕУ поставува услов пред интеграцијата на Македонија. Атина го блокира Скопје и во ЕУ и во НАТО.

„Но, ако името се реши, ќе остане ли тогаш Бугарија единствената пречка пред евроинтеграцијата на Македонија. Се сомневам. Западноевропските држави ја создадоа ЕУ затоа што сфатија дека економското, а со тоа и политичкото единство е во интерес на нивните народи. НАТО е создадена според таа логика. Овие држави ги ставија настрана ситните билатерални проблеми, кои патем беа многу поголеми од овие на Бугарија Грција и на Македонија. Софија и Атина треба да го применат истиот пат кон Скопје и да ја стават иднината над малите проблеми. Спротивставувањето на членството на Македонија во ЕУ изгледа агресивно од земји членки на ЕУ кои си имаат сопствени проблеми“.

Како човек на кого двете држави му се при срце, како што самиот вели за себе, Пердју се согласува со изјавите на поранешните претседатели на Бугарија и други сериозни политички фигури кои ја осудија ваквата надворешна политика на Бугарија и „ја повикувам бугарската влада да ја смени контрапродуктивната политика во однос на македонското членство во ЕУ. Активна поддршка на членството на Македонија во ЕУ и во НАТО е од корист и за бугарските интереси, додека Бугарија се концентрира на сериозните внатрешни проблеми“.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе