Што сака Бугарија? Зошто подметнува кукавички јајца?

Ристо Никовски

Бугарскиот претседател, Плевнелиев, на комесарот Филе му рекол дека во Македонија има „националистичка реторика, дискриминаторски однос кон граѓаните со бугарски чувства и многу административни бариери за бугарскиот бизнис...”. Полошо не можел да каже ама ги измешал картите.

Дел од оценките му се измислени, а другите апсолутно важат за бугарскиот однос кон Македонија, не обратно. Министерот Младенов порача дека сме имале „малцински претензии...” и дека „Бугарија...нема да дозволи некој да и се плетка во нејзината историја”. Изразот „малцински претензии” е нов и бесмислен. Малцинставата или постојат, или не. Можат да се игнорираат, како што прават Софија и Атина, ама никој не може да ги измисли и со нив да „претендира”. Според премиерот Борисов, ако Македнија сака во НАТО и ЕУ „треба да ги почитува вредностите што таму се признаваат”. Тие биле „Европа без граници, Европа на добрососедство...”. Најслучајно, не спомна дали и малцинствата се европски стандард? Паралелно, во Софија инсистираат заеднички да славиме историски настани.

Што всушност се случува на нашиот исток? Пред четири, пет години, врвен британски експерт за Балканот, тукушто вратен од Атина, по малку изненаден, раскажуваше за грчките колеги кои го уверувале дека, во понатамошното македонско интегрирање во Европа, место од Атина, сопките се повеќе ќе доаѓале од – Софија.

Еве, и тоа време дојде. Бугарија стапува на сцената. Ова беше најавено од нивни европратеници, а во медиумите, веќе подолго време, нападите врз Македонија се се пожестоки.

Тоа не треба да изненадува. Позицијата на Софија кон Македонија, во основата, е полоша од таа на Атина. За вториве не е спорно дека ние сме посебна нација, со сопствен јазик... Сакаат само монопол на античкиот бренд „Македонија” и сите деривати. Не не посвојуваат туку сакаат „само” да не прекрстат. Ако прифатиме дека сме Северни, Нови, Горни... со соодветен јазик, тие веднаш ќе не подржат и помогнат. За првите, пак, ние не сме ништо друго освен – (неосвестени) „Бугари”. Зборуваме и бугарски јазик, без да го знаеме тоа. Тврдат дека Македонија е најромантичниот дел од нивната историја, а како да заборааат дека токму за да ја освојат, во Втората светска војна, беа на страната на фашизмот и Хитлер. Тоа е сигурно најсрамниот дел од нивната историја, ама Македонија им останала во рамките на романтиката. Чудно, многу чудно. Не треба да се заборава и дека Бугарија е крајно загрижена и поради ткн. „антиквизација”, која директно ги руши нивните фантазмагории за наши “бугарски” корени.

Филе наиде на студен прием во Софија. Неговиот последен извештај, со оценките дека Македонија води добра добрососедска политика, серизно им пречи. Кај нас завладеа одредено задоволство што во извештајот (на „цели” две места) се користи придавката „македонски”. Арно ама, тоа е направено на најбезболен начин за Брисел: „македонски” се „владата” и „институциите” ама не народот, јазикот, црквата... што за нас е клучно. Така е направено за да се задоволат токму Атина и Софија. Ако Филе напишеше „македонски” народ, јазик... ќе беше дочекан на нож и во Атина, и во Софија.

Идејата заеднички да славиме историски настани не е нова. Пред шест, седум години инсистираа така да се одбележи Илинден, што наиде дури и на разбирање кај тогашниот премиер. Начелно, замислата е навистина прекрасна. Зар има нешто поубаво од заедничко свртување кон историјата и тоа на Балканот? Да се одбира и потенцира тоа што не приближува и спојува, а не тоа што (со векови) не конфронтира. Таков избор е можен. Историјата на сите народи во регионов е испомешана и заедничка по многу што. Меѓу Македонија и Бугарија и повеќе отколку кај другите. Немајќи своја држава, голем дел од најистакнатите македонски национални дејци прибежиште наоѓале, живееле и твореле токму во Софија и Бугарија. Листата е предолга.

Меѓутоа, оваа бугарска понуда е класично подметнување кукавички јајца. Факт е дека, со поголеми или помали права, дел од историските личности и настани и двете држави  ги сметаат за свои. И тоа не мора да биде ништо страшно ако се респектира другиот. Проблем е што целта на Софија е да славиме заедно, ама сите како „Бугари”! Тие осознаени, а ние (сеуште!) не. Сакаат индиректна потврда дека сме – „Бугари” и дека историјата ни е - заедничка!  И, тука е куршлусот. Според истите историски синдроми, поради кои на почетоткот на 1940-тите со оружје се обидоа да ја освојат Македонија, сега со итрина сакаат жедни да не пренесат преку вода. Тие не се подготвени да слават двата народа – македонскиот и бугарскиот.

Историски настани заеднички можеме да славиме само како Македонци и Бугари, со претходен усогласен проглас напишан на два рамноправни јазици – бугарскиот и македонскиот. Или, врз основа на договор за пријателство и соработка, кој сега е спорен. Јазиците ни се најблиски, историјата испреплетена ама, ако сакаме исчекор напред, а не назад, Софија прво мора да разбере и прифати дека нашиот македонски мајчин, бабин, прабабин... јазик не произлегува од нашиот Устав. Таму е само забележан како нешто свето и трајно. Дедо Ицо Попе, повеќе пати ни повторуваше дека и татко му и дедо му, кој бил роден некаде околу 1815 година, биле Македонци и зборувале македонски. Историските вистини, кои не се спорни за добронамерните, крајно време е да станат реалност и во Бугарија. Тогаш, никој во Македонија нема да има никакви резерви околу идејата. Ќе може веднаш да се направи најширок план за заеднички прослави, ако треба и за следните 10 години. Се додека Софија не третира како “Бугари” од Македонија, чука на погрешна врата. Таквите овде се малубројни.

Сеништата од минатото, никако да се тргнат од Балканот. Дури ни членство во НАТО и ЕУ не менува некои навики од 19 век. Дури, како да ги засилува? Мислевме дека зад нас е времето кога ни велеа – не гледајте што правиме, слушајте што ви зборуваме. Кога се тврдеше дека тази дупка, не е дупка. Не било баш така.

Непринципиелната политиката кон Македонија, филувана со непочитување на меѓународниот правен поредок, која ја спроведуваат Атина и некои најважни светски фактори, е резил за сите нив. Неизбежно, таа имплицира антиисториски амбиции и на други соседи. Се реафирмира лешинарството, како една од најстарите практики. На почетокот на 1990-тите Софија покажа визија и прва ја призна целосно независната македонска држава ама веднаш застана. Не воспоставија дипломатски односи и не пратија амбасадор. Не поентираа. Калкулираа дека ќе се распаднеме и дека повеќе ќе ќарат.

Иако реториката не ни е секогаш сјајна, Македонците немаат негативни предиспозиции према Бугарите. Реагираат единствено во самоодбрана. Негативниот третманот на Бугарија во македонските медиуми, не е ниту еден процент од кампањата против оваа земја, која постојано се води кај нив а сега ескалира. Македонскиот народ и неговиот јазик им останале тежок историски синдром. Факт е дека со векови сме се мешале ама сме биле различни. Бугарите биле во поповолна позиција бидејки имале своја држава а ние не. Врз таа основа, го злоупотребуваат тој дел од историјата. Дури и да зборуваме ист јазик не значи дека сме ист народ. Сетете се на Арапите, Латиноамериканците...

Македонците немаат негативни чувства ниту према Грците и покрај сите блокади, игнорирања и малтретирања кои ни ги сервираат веќе 20 години. Стотици илјади Македонци секое лето одат на летовање кај нив и трошат огромни суми пари.

Тоа е своевидна лекција за врвна толеранција. Дали, пак, тоа ни служи на чест, е друго прашање.

Ристо Никовски

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе