На проекцијата организирана во Музејот на холокаустот во Скопје присуствуваа повеќето амбасадори од дипломатскиот кор во Македонија, но не и господинот Петков, дипломатски претставник на земјата која уште за време на производството поведе вистинска кампања против се уште неприкажаниот филм. Во кампањата се вклучи дури и бугарскиот премиер Бојко Борисов кој филмот го квалификува дури и како „хитлеровски филм“, пишува неделникот „Република“.
Амбасадорот Петков ја имаше можноста да биде првиот Бугарин кој го видел филмот, но за жал не се појави на проекцијата.
Реакциите од бугарска страна главно се сведуваат на тоа дека во филмот се прикажуваат историски лаги во однос на учеството на тогашните бугарски фашисти во холокаустот на македонските Евреи за време на Втората светска војна во Македонија.
„Не правев филм цела деценија за да расчистувам политички и историски прашања, сакам филмот да биде третиран само како уметничко дело, а не како политичка тема“, изјави Дарко Митревски за новиот неделник „Република“.