Почна објавувањето на имињата на кодошите

Кореограф, Шар, Референт, Тањц, Мирче, Гоце, Драматург... се дел од псевдонимите на досиејата на првите јавни личности од регистарот на лица за кои Комисијата за лустрација утврди дека го исполнуваат условот со кој се ограничува вршењето на јавна функција.

Махи Несими (новинар и амбасадор), Слободан Угриновски (советник во Град Скопје), Владимир Милчин (режисер и директор на Институтот отворено општество), Вангел Гагачев (поранешен судија во Врховен суд), Николче Бабовски (кандидат за пратеник), Сефедин Харуни (пратеник), Коста Балабанов, Шабан Шеху (советник во Владата), Јорданчо Чеврески (член на Советот на МРТВ и долгогодишен декан на Факултетот за драмски уметности), Фаредин Мифтари (директор на затвор) и Зоран Јовановски (члена на Совет на општина Росоман).

Ова се имињата на втората група јавни личности за кои Комисијата за верификација на фактите потврдува дека во минатото соработувале со безбедносните органи.

Иако Томе Аџиев, претседателот на Комисијата за лустрација најавува дека што се однесува на работата на членовите на комисијата се е според законските одредби, дел од членовите, повикувајќи се на одлуката на Уставниот суд, предлагаат Комисијата да престане со работа се додека судот не се произнесе по ова прашање.

Со јавното објавување на имињата на кодошите комисијата го крши принципот на презумпција на невиност со оглед на тоа дека тоа решение не е конечно и нема судска завршница“, изјави членот на комисијата, Чедомир Дамјановски.

Претседателот Томе Аџиев пак, тврди дека, Комисијата ќе продолжи со работа се додека Уставниот суд не донесе одлука или решение за укинување на некои одредби од новиот закон.

Според законските одредби на интеренет страницата на комисијата (khf.org.mk) се објавени имињата и нивните досиеја врз основа на што е донесена и одлуката токму овие лица да влезат во регистарот. Досиејата ќе бидат објавени во целост, а ќе бидат прекриени само имињата на луѓето кои се споменуваат во документите.

Томе Аџиев

Претседателот Аџиев веќе подолго време најавува дека нема да дозволи да биде доведена во прашање заштитата на личните податоци. Тој не смета дека досиејата треба да бидат прочистени, затоа што законска обврска била тие да бидат објавени во целост.

Досиеја на соработници или на жртви

Еден од најгласните противници на процесот на лустрацијата е и Владимир Милчин, чие досие е веќе објавено од негова страна. Тој и натаму тврди дека неговото досие не е соработничко, туку досие на човек кој бил следен од безбедносните служби.

На 10 ноември 2000 година побарав пристап и увид во лично досие и добив одговор од МВР. Таму јасно стои дека Владимир Милчин немал досие на соработник, туку досие  „од политички и идеолошки причини“, што ќе рече, досие на жртва. Тој факт, потврден со потпис и заверен со печат, по сѐ изгледа, Комисијата (која божем верификува факти), не го верификувала кога гласала во летото 2011 година. Не знам дали обневидела од сакање или од морање, или, можеби, овој документ им бил премолчан или скриен. И затоа го објавувам  за да не им се случи да го повторат кривичното дело клевета“, напиша Милчин во својата колумна објавена на Плусинфо порталот.

„Не случајно е токму СДСМ против лустрацијата“

Според СДСМ се работи за примена на законски одредби, кои Уставниот суд веќе ги укина како неуставни. „Македонската јавност треба да биде подготвена да ги прими сите извештаи на оперативните служби во кои се наоѓаат приватни детали од животот на илјадници граѓани, кои на еден или на друг начин се нашле во извештаите на службите, иако најверојатно никогаш не соработувале со истите, ниту претпоставуваат дека се во нечии извештаи. Сите овие извештаи, јавно ќе бидат објавувани на интернет, а потоа медиумите во зависност од атрактивноста ќе прават прилози за пикантериите и приватните тајни“, изјави неодамна Ана Павлова-Данева од СДСМ.

Таа потенцираше дека на мета нема да бидат само соработниците на службите, туку и оние кои биле предмет на обработка и оние кои случајно се нашле во извештаите на службите.

Иако тие нема да бидат лустрирани, детали од нивниот живот, тајните кои сметале дека само тие ги знаат и секако

Ана Павлова Данева

пикантериите кои би биле атрактивни за јавноста ќе се најдат на интернет страниците на комисијата, а потоа сè ќе прерасне во едно медиумско-лустрациско реалити шоу. Сакаме уште еднаш да повториме дека за разлика од првиот закон, овој власта сама си го донесе, без присуство на опозицијата, а во него се содржат законски решенија кои се неуставни и кои претходниот уставен суд ги укина“, изјави Павлова-Данева.

За Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ не е изненадување тоа што само СДСМ е против процесот на лустрација, иако претходниот закон беше донесен со консензус во Собранието.

Илија Димовски

Новиот Закон за лустрација беше поддржан од сите, освен од  СДСМ, што е разбирливо бидејќи СДСМ сепак е правниот наследник на партијата од поранешниот режим. СДСМ знае дека јавноста бара лустрација и токму затоа, за да не признае јавно дека е против, изнаоѓа и користи други механизми, како свои членови во Kомисијата за лустрација и свои невладини организации, за да го стопира целиот процес. Зошто СДСМ е против тоа сите документи да бидат објавени на интернет и јавноста да биде таа што ќе процени дали некој бил кодош или не“, коменатираше неодамна Илија Димовски, пратеник и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

А.Д.

 

Самитот на НАТО во Велс е убава прилика да видиме кој нè блокира и уценува за влез во алијансата? САД или Грција?

повеќе

Деновиве во Берлин се случи долгонајавуваниот и по германски терк беспрекорно подготвен самит на земјите од Западниот Балкан! Се собра на едно место (или подобро речено: Германците ги собраа) политичкиот и државен крем од регионов. Подобро и не можеше да биде.

повеќе

На 14 август 1947 САД ја спроведува резолуцијата донесена во Советот за безбедност на ОН дека ќе ѝ помогне на грчката влада од претстојната опасност. Првите американски бродови полни со оружје и друга воена помош за грчката војска веќе пристигнале во Солун.

повеќе