Гуливер и Лилипутанците

Џонатан Свифт е најпознат по своето дело насловено “Гуливеровите патувања”. Книгата во себе содржи толку многу поуки и толку многу ја поттикнува фантазијата што поминаа речиси 400 години од нејзиното издавање, а делото сè уште е во печат! За оние кои не ја читале оваа книга накратко да им ја раскажам содржината. Гуливер е еден обичен човек со необично голема желба за авантури.

Драган Алчинов

Токму таа негова голема желба за авантури ќе му донесе нему многу неволји, а нам многу поуки. Во едно од неговите патувања неговиот брод ќе доживее несреќа и тој ќе се најде на еден остров каде што живеат луѓе со големина колку еден прст. На едно друго патување Гуливер ќе се најде во една земја на џинови- каде што тој ја игра улогата на “човек-прст”. По извесно време поминато во оваа земја нашиот јунак ќе се најде на еден брод кој ќе биде киднапиран од пирати, но ќе биде спасен од летачкиот остров наречен Лапута на кој живеат мудреци кои толку длабоко размислуваат што мора да бидат удрени за да не заспијат. Последното опишано патување на Гуливер е во земјата на Хуинхмите.

 

Но, јас сакам сега да зборувам за првото Гуливерово патување. Се случува бродолом, а Гуливер некако успева да се спаси и да заспие. Кога се буди од неговиот длабок сон гледа дека го опколиле и дури го заробиле мали човечиња - високи само неколку сантиметри. Подоцна сфаќа дека се нашол на таков остров на кој живеат само такви мали луѓе кои себеси се нарекуваат Лилипутанци и дека тие имаат и свое царство, свои закони, своја култура па дури и свои непријатели. Имено, освен Лилипутанците има уште еден друг таков народ со многу мал раст, кои го носат името Блефуски и со овој народ Лилипутанците се во непријателски односи. А причината за нивното непријателство е следново: едните се приврзаници на тезата дека јајцата треба да се кршат од врвот, а другите велат дека треба да се кршат од газерот. И тоа е доволна причина за овие два мали народа да војуваат меѓусебно.

Споредбата е јасна: колку пати народите војуваат едни со други за причини кои не се достојни ни за најмало внимание, а камоли да бидат причина за војни! За жал, уште полошо е кога овие меѓусебни препукувања ќе настанат внатре во рамките на еден ист народ! Но, пред да ги обвиниме другите народи - да погледнеме околу себе, да ги видиме нашите сонародници кои си ги “вадат очите” едни на други заради некоја таква микроскопска причина. Оние кои редовно гледаат вести сигурно дека се навикнале на “трката на стаорци” кој се прикажува секојдневно! На кое ниво паднале нашите политичари и новинари?! Војуваат едни со други за работи кои слободно ќе ги наречам ситници. Кој што изјавил за некое интервју, кој што напишал на фејсбук, кој лепел плакати со 100 евра на некој мост, кој бил за, кој бил против, во чие време повеќе се крадело… аман бе луѓе?! До каде ќе стигнеме вака? Еве отворете некои од електронските медиуми. Топ вест на порталот Курир пред неколку недели беше веста дека некои граѓани на фејсбук изразувале незадоволство против изјавата на Наташа Савова и онаа дискусијата за Воинот на коњ и изјавата на Андреј Петров за можната дислокација и за доброто на Македонија. Пред недела дена отприлика имаше жестоки обвинувања меѓу власта и опозицијата, како и медиумите кои се собрале околу нив, за тоа кој каков предлог за името прифатил, а кој одбил, иако и во двата случаи- резултатот е истиот затоа што Грција секако го одбила предлогот. По неколку минути од вестите се издвојуваат на ваквите партиски препукувања. Можеби некој од вас ќе се сети на оној настан од пред неколку недели и начинот како истиот беше прикажан на вестите: “Кој лепеше стотки на мостот кај Холидеј ин?”- па веста продолжува во насока на тоа да ни објасни кој стоел зад еден таков протест. По одржаниот митинг во Струмица преку медиумите власта и опозицијата се расправаа за тоа колку луѓе дошле на митингот.

Нема потреба многу да ви објаснувам драги читатели, отворете и прочитајте сами во весниците или на интернет порталите.

Не се сеќавам кога последен пат сум следел вистинска дебата за суштинско прашање во Република Македонија. Ќе успеат ли некогаш нашите политичари да излезат од матрицата СДСМ-ВМРО ДПМНЕ? Ќе успеат ли некогаш вистински да разговараат и да соработуваат? Или ќе продолжат да бидат како Лилипутанците расправајќи се за ситници во обид да придобијат некој глас со тоа што ќе го оцрнат противникот. Ќе им порачам и на едните и на другите: Не значи дека ако вашиот противник е полош од вас вие по автоматизам станувате добри

Не знам кој е повеќе за жалење - дали Лилипутанците затоа што живеат во таква мизерија или Гуливеровците кои се заробени од малите човечиња, та треба да им ги решаваат прашањата од типот “Од која страна треба да се скрши јајцето?” И не знам кој е повеќе виновен за оваа ситуација- дали Лилипутанците кои немаат капацитет за нешто повеќе или Гуливеровците кои не сакаат да се потрудат да им ги отворат очите на оние со кои го делат островот.

И додека двете групи човечиња се расправаат за тоа како треба да се скрши јајцето народот, околу нив гладува и баш добро ќе му дојде една табла јајца на секое семејство. Би им предложил наместо да губат време на нивните “богати и суштински” дискусии, да посветат малку време на прашањето “Зошто нашата кокошка дава се’ помалку јајца?”

Дипломатијата е значајна служба на секоја одговорна земја. Во нашиов случај, кога сме меѓународно оспорени, МНР мора да биде најфорсирана институција.

повеќе

Тие што ме познаваат, знаат дека сум апсолутен атеист. Ама има нешто гнило во перципирањето на некои религии од страна на светската јавност...

повеќе

Проблемот е познат и добро простудиран од други аналитичари. Според некои изгубениот идентитет на СДСМ е основен, според други понудата на оваа партија не е доволна, според трети проблемот е во делувањето...

повеќе