МЗТ од вчера и официјално е член од Јадранската лига

Македонската кошарка од вчера и официјално има свој претставник во регионалната АБА-лига откако челниците на МЗТ Скопје во Љубљана го потпишаа договорот за влез во друштво на најдобрите екипи од просторот на поранешна СФР Југославија.

Договорот парафиран, иднината загарантирана: тимот на МЗТ по победата над Торус

Станува збор за тригодишен договор, кој на македонската клупска кошарка и дава можност за повторно влегување во друштво на еден Партизан, Цибона, У. Олимпија, Црвена звезда, Будуќност додека на љубителите на кошарката им носи можност во живо да ги проследат мајсториите на најдобрите балкански кошаркари.

„Ако некој досега и имаше некои дилеми тие сега треба да се исчезнати. МЗТ од вчера и официјално е член на АБА-лигата. Со предводниците на ова натпреварување имавме пријатна средба во Љубљана каде што само ја завршивме формалноста и го потпишавме договорот за влез во оваа силна конкуренција. Ова требаше да се заврши многу порано, но тоа не се направи само поради здравствените проблеми на еден од предводниците на натпреварувањето (Лисац-н.з.)“, ни изјави првиот човек на МЗТ, Сашо Босилков.

Со вчерашното парафирање на договорот завршуваат еднодецениското чекање за излез на македонската кошарка на Јадранот. Денот на потпишување на договорот со златни букви ќе биде запишан во историјата на играта со портокалова топка кај нас како еден од пресвртниците кон нешто подобро, поубаво.

Регионалната АБА-лига од 2001 година досега на едно место го собира кремот од просторот на поранешна СФР Југославија, која пред да се распадне ја имаше една од трите најсилни европски кошаркарски лиги. Помладите генерации повеќе нема да мораат да слушаат како било некогаш кога во „Јане Сандански“ односно во „Градски парк“ гостувале „црвено-белите“, „црно-белите“, „змајчеки“, „цибоси“ туку ќе можат самите да се уверат во квалитетот, но и во магијата на овие натпревари.

Ова беше втор обид на македонски тим за влез во АБА-лигата. Првиот, за жал неуспешен го имаше Работнички пред пет години кога тимот прво беше начелно примен во регионалното натпреварување за потоа самиот да се откаже  поради неможноста да обезбеди доволно пари за правење конкурентен тим.

„Металците“ и покрај тригодишниот договор, сепак, од почеток ќе мора сериозно да си ја сфатат работата бидејќи ќе мора да го избегнат последното место на табелата, кое носи најмалку едногодишна пауза од ова натпреварување.

„Договорот ни гарантира дека ќе играме во лигата, но не не заштитува од испаѓање. Не смееме да бидеме последни бидејќи во тој случај нема да смееме да се пријавиме за следната сезона. Но, тоа нас не не грижи премногу бидејќи работиме на формирање квалитетен тим, кој не само што нема да биде последен, туку ќе има што да каже на средбите со останатите екипи во лигата“, дополнува Босилков.

МЗТ средбите од АБА-лигата ќе ги игра во спортскиот храм „Борис Трајковски“, кој со својот капацитет и со својата мултифункционалност и модерност веднаш ќе влезе меѓу најдобрите сали каде што се игра ова натпреварување.

Управата на клубот сериозно го сфаќа проектот што е пред нив со оглед на тоа што веќе се договорени голем број спонзори, кои ќе помагаат да се обезбеди потребниот буџет. Нови засилувања во тој дел ќе има и во следниот период, а околу потенцијалните играчки новитети ќе се говори по завршувањето на сегашната сезона.

Повторно во АБА-лигата: Тодор Гечевски

Од досегашните шпекулации, сосема реално е да се очекува сино-белиот дрес да го облече репрезентативецот Владо Илиевски, а сериозен кандидат за трансфер во МЗТ е и Дамјан Стојановски. Останувањето на Тодор Гечевски и на Ѓорѓи Чековски е реалност додека остатокот од тимот допрва ќе се пополнува.

Поради преклопување на термините со домашното првенство, тимот од „Јане Сандански“ ќе го прескокне првиот дел и ќе се вклучи директно во Суперлигата. Постојат најави дека МЗТ ќе се пријави за учество и во уште едно меѓународно натпреварување, најверојатно Еврокупот.

Според досегашните резултати, македонскиот тим  во следната сезона како конкуренти ќе има четири тима од Хрватска, три од Србија, по два од Словенија и БиХ како и екипите на израелски Макаби Тел Авив и на црногорска Будуќност, кои како и МЗТ имаат добиено таканаречена вајлд-карта.

Игор Крстевски

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе