Македонија со најпосен минималец во регионот

Македонската минимална плата од 8.050 денари е најсиромашна во регионот, со исклучок на соседна Бугарија, каде што минималецот изнесува 123 евра. Во Албанија и во Србија се исплатува за 10 до 20 евра повисок минималец, во Босна и Херцеговина тој е 180 евра, а Хрватска и Словенија ни се практично недостижни.

Минималната плата во земјава почна да се исплатува од јануари, но вработените во текстилната и кожарската индустрија, кои примаат едвај по 6.000 денари, според законот ќе треба да чекаат уште три години за да го достигнат утврденото ниво од 8.050 денари. Токму од овие причини, опозицијата предложи измени на Законот за минимална плата за кои парламентот треба да расправа утре. СДСМ остануваат на барањето Владата финансиски да ги поддржи компаниите и тие веднаш да почнат да ја исплатуваат сумата од 8.050 денари. Според СДСМ, за ова од буџетот годишно би се издвојувале 15 милиони евра.

„Нашиот предлог е минималната плата да се утврди на 9.100 денари. И наместо усогласувањето, кое треба да се случи во рок од три години кај кожарската и кај текстилната индустрија, тоа да биде веднаш со субвенционирање со средства од буџетот на стопанските субјекти. Единствено преку вакво законско решение реално може да им се помогне и на фирмите и на работниците и да се ублажат катастрофалните услови во кои живеат над 50.000 работници во земјата“, смета Цветанка Иванова од СДСМ.

Во врска со предлогот на опозицијата, во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека нивниот првичен предлог бил минималецот да биде 160 евра. Но кога се расправаше за тоа пред да биде донесен Законот за минималната плата, ССМ не успеа да издејствува такво решение со оглед на ставот на работодавците, кои инсистираа минималецот да не биде поголем од 7.000 денари. Затоа, како што велат во ССМ, сега останува само да вршат контрола дали на работниците им се исплатуваат редовно и тие 8.050 денари.

„Сега ни е многу поважно дали редовно се исплатува минималецот. Контролата ја врши трудовиот инспекторат, иако се разговараше тоа да го прави УЈП, преку интегрираниот начин на наплата, но овој предлог не влезе во финалната верзија на законот. Синдикатот, пак, може да врши контрола и да има информации дали се исплатува минималецот, само кај нашите членки. Така што ова прашање сè уште е отворено“, велат во ССМ.

Исплатата на минималецот, според синдикалците, е најпроблематична кај загубарците, особено кај оние што не примиле плата и по две години или пак оние на кои им се исплатуваат по 3.000 денари, како што е случајот со охридски „Емо“.

Глоба во износ од 6.000 до 7.000 евра ќе треба да плати  работодавец ако на работникот не му исплати законски одредена минимална плата.

Ако, пак, тоа не го направи одговорното лице кај работодавачот, тогаш нему ќе му се изрече глоба од 3.000 до 4.000 евра во денарска против вредност.

 С.М.

 

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе